Мистични букети наменети за оние што животот си го уништуваат со секој следен здив

Friday, October 4, 2013

Само илјада пати се живее

Те туркаа, паѓаше, се повредуваше. Стана. 
Те навредуваа, те болеше, плачеше. Се издигна. 
Губеше, ти недостигаше. Заборави. 
Ти велеа дека не можеш. Направи.
Те лишија од радоста. Создаде среќа. 
Љубеше, се разочара, те скршија, . Оздраве. 
Се бореше. Победи. 
Велеа дека имаш еден живот. Згрешија. Зошто ти  создаде бесконечност. Одново и одново. 

Невидлива

"Те газеле со децении, си преминувала преку се само за трошка внимание. Те исмевале, си подигрувале со тебе. А ти, безгласна букво, се уште стоиш во таа мртва точка и чекаш некој да те спаси. Таа поминува крај тебе, ти умираш да бидеш нејзина пријателка, барем на еден ден. Таа е лебедот, ти грдото пајче. Иако те уништува, сепак посакуваш да бидеш во тоа нејзино друшто. 
Тој не те ни погледува, а ти би се запалила себеси ако некогаш се пожали дека му студи. Ех, глупава девојка.. До кога вака.. 
Не си родена да бидеш како нив, поинаква си. Тоа е убавото кај тебе. Гордо погледни се во огледало, не го спуштај погледот. Не гледај назад, не се уништувај самата. 
Не се тие виновни, ти си. Самата им дозволуваш да те исфрлат од игра. Дојди и бори се за себе, девојко!" - си размислувам во креветот, држејќи шолја чај. Се жалам и повторно не правам ништо...

Wednesday, September 11, 2013

Во прегратките на ноќта

И тоа лето полека си ги спакува куферите. Почнаа и првите есенски дождови, милувајќи ги лицата на прозорците. Маглата играше во очите на луѓето, токму пред да падне мрак. И ете го тој момент... Полека темнината ги обзема срцата, мртва тишина испрекината со слаби шумови. Понекогаш се откинува и по некоја воздишка од нашите грла. Секоја вечер со него е прекрасна, кога неговите прсти нежни како ветар ми ја милуваат косата... Кога ќе ме прегрне најсилно, на единствениот начин на кој може барем малку да ме повреди. Кога неговите меки усни ќе ги допрат моите, и кога истите ќе го љубат мојот врат... Кога ќе ме доведе на работ на лудилото со неговите допири,зборови,гестикулации... Кога едноставно ќе ме погледне на оној начин.. На начинот кој само тој го знае. Се будам и заспивам со него, или барем со помислата на него, секогаш во прегратките на ноќта. 

Monday, September 9, 2013

Недовршена приказна

Ние никогаш не си ги расчистивме сметките. Дел од нас двајцата секогаш сакаше нешто повеќе, дел се обидуваше да избега што подалеку. Со него живеев на пола, без него воопшто и не живеам. Единствено кога целосно ќе се споевме живеевме вистински. Јас веќе таква љубов не барам, а и да ја барам нема да ја најдам. Малку луѓе имаат таква среќа да живеат вистински со некој. Сега посакувам само тој да биде среќен, иако знам дека нема да може без мене. Ние двајцата не можебе еден без друг, но мораме. Едноставно така требало да биде. Само, секој ден сум благодарна што барем еднаш во животот сум почувствувала како е да се биде неизмерно љубен, почитуван, негуван... И повторно, ако сакаш среќен крај треба да знаеш каде да ја завршиш приказната. Единствено нашета приказна нема ни крај, ни продолжение. 

Блискоста меѓу две срца

После толку време го видов повторно. Уште е онака шармантен и самоуверен. Кога се упати кон мене мислев дека ќе се онесвестам. Единствено што знаев е дека не смеам да го погледнам во очи, инаку ќе се струполам пред неговите нозе. 
Ме одмери од глава до петици и се насмевна. Погледот му застана на моите усни. Нежно ми ја подаде раката, со намера да си поздрави со мене. Лицето му е на десетина сантиметри од моето, чувствувам како неговиот топол здив ме милува по образите. Тивко ме праша како сум. Јазикот ми сплетка па едвај изговорив дека сум добро, што не е точно. Од учтивост му го поставив истото прашање, очекувајќи позитивен одговор кој секако не го добив. Ми рече дека се чувствувал бедно по мојата одлука да ја паузираме и онака комплицираната врска. Всушност не знам ни зошто го направив тоа, изгледа се избезумив затоа што никого не сум љубела така. Се замислив, за среќа неговиот глас ме врати во реалноста. Сакал да разговараме. Ова ми е последна шанса, која се надевам нема да ја оплескам. Ме погледна во очи. Несвесно се загледав и јас во неговите. Длабоко во него гореа мрачни желби, каења.. Мирисаше на очај, на љубов, страв, копнеж. Бев горда на себеси. Уште еднаш видов што будам во него. Само јас успевам да ги разбудам сите негови сетила, како и тој моите. Повеќе немав желба да бидам одвоена од него. И тие десет сантиметри ми личеа на илјада и двесте милји. Целосно се прилепив за него, очекувајќи ја неговата реација. Ја потпрев главата на неговото рамо, додека тој ги обви своите раце околу мене. Уште еднаш го почувствував неговиот мирис, мирисот на мојот сакан. Повторно сум со него, повторно се чувствувам жива. И од тој миг, си ветив себеси дека нема повторно да се мачам себеси за да бидам далеку од него. Ниту можам, ниту сакам.

Изгубена

Се' уште се вртев во креветот, несакајќи да започне уште еден нов ден исполнет со каприците на луѓето околу мене. Во воздухот се чувствуваше онаа непријатна тежина, која те моли да не ги комплицираш работите. И така, принудена да го напуштав креветот, се упатив кон бањата. Изгледам хаотично. Пребледа сум како и секогаш, но денес имам и енормни подочници, испукани капилари.. Како врв на се, и испукана уста. Косата е приказна сама за себе. Од авион се гледа во каков хаос живеам. Вака е секој ден од трагичниот момент кога тој ме остави и замени за друга. Го напрскав лицето со малку ладна вода, ја извадив шминката која веќе одамна се разлеала околу очите. Се освежив, размислувајќи што да направам со мојот живот. Вака веќе не оди. Се изгубив во сопствениот мозок, не можам повеќе ни да размислувам со полна концентрација. Се огласија сите кујнски апарати, домофонот, мобилниот и домашниот телефон... Ах, кога само би можела на миг да избегам од се. Да најдам мир во некое мало место и некој што ќе ме сака повеќе од себе... Да основам семејство... Едвај ги запирам солзите, ја кревам главата и широко се насмевнувам. И денес треба да глумам совршена девојка со совршен живот. Рамениците назад, душата длабоко закопана некаде. Кај некого...

Tuesday, August 20, 2013

Кога најмалку ќе очекуваш

Таа ќе ти набие на нос сè што досега си и направил. Секоја неправда кон неа ќе ти биде возвратена, затоа што таа е помоќна дури и од тебе. Ќе те боли повеќе од сите. Ќе ги бараш времињата кога таа за тебе претставуваше кротко јагне кое ги слуша сите твои наредби. Кога најмалку  очекуваш ќе го забие ножот точно во твоето срце и ќе те удри со твој камен по твоја глава. Е тогаш ќе се свестиш и ќе видиш што направи од неа. Создаде монструм, сега трпи го. Сепак, таа учеше од тебе. И одзема сè на што сметаше, единствено и остана одмаздата. Колку што те сакаше, толку сега те мрази. А и има право. 


Saturday, August 17, 2013

Часовници во крвта

И на крајот, се беше онака како што почна. Заморно и бескорисно. Знаев дека не требаше ни да почнам. Ни да помислам на таа глупост. А сепак ја направив. Влетав во неа без размислување. Се втурнав во бездната за ништо. Сè што добив за возврат на моето жртвување... Сè собира во една мала кутија. Два часовника и стегач за коса. И ден денес носам два часовника одеднаш. Едниот го мери времето потрошено за глупости, другиот само чука... Онака без душа. Како и јас самата. Се изморив веќе од овии игри. Престанувам веднаш. Барем остатокот на животот да го поминам како што сакам. 

Thursday, August 15, 2013

Краеви на познатото

Постои една универзална вистина со која сите порано или подоцна, мораме да се соочиме, без разлика дали сакаме или не. Се' си има свој крај. Ги сакаме краевите на лошите работи, а ги мразиме на оние подобрите. Последен ден од летото, последна глава од добра книга, разделба со близок пријател. И сепак краевите се неизбежни. Лисјата паѓаат. Книгата се затвора за последен пат. Велиш збогум. Еднаш секој ќе се раздели од се' она што досега му било познато, се' она во што се чувствувал свој. Секој продолжува да оди по својот пат. Само затоа што се збогуваме со некој,тоа не мора да значи дека се разделуваме. Некои луѓе, и покрај се', ќе бидат крај нас. Затоа што тие ни се тлото под нозете. Воздухот кој го дишиме. Ѕвездата водилка од која бараме да ни го покаже вистинскиот пат. И тие тивки гласови, кои секогаш ќе го натераат нашето срце да трепери, раскажуваат приказна. Бескрајна приказна. 

Wednesday, August 14, 2013

Соседи од приземјето

Соседот ти е брат. Некогаш и повеќе од тоа, зависи од времето. Некој грам шеќер, шише масло, десна рака при реновирање. Некое утринско кафе и лесен муабет. Никој не се интересира дали си директор или келнер, бизнисмен или тапкарош. Единствено дали си расположен за пријателски совет. Балкански сосед е посебен вид. Никој Французин не може да не сфати, намуртено јадејќи од кроасанот крај Ајфелова. Ниту Американец, возејќи се во некое жолто такси со цел што поскоро да пристигне на работа. Да не му одбијат од плата, не за друго. Се случува во недела наутро да те разбуди турбофолк, што се вели до даска. И пијан сосед да прави неред во ходникот.  Ни тука не е се така розово. И меѓу соседите има кавги. Паѓаат тешки зборови. Ама на крај секој го вее белото знаме. Соседите од приземјето и горните катови, сплотени во едно бараат решенија за новонастанатите проблеми. Соседот ти е потребен. Инаку нема кој прв да ти честита за приновата, или да ти ги брише солзите на погреб. Или да ти позајми по некоја маса и столица за слава. И да ти даде нов рецепт за кифли, па и да си размените Руска салата на Нова Година. И да ти дојде на роденденска прослава со цел да коментира каква е тортата. И на крајот на денот секогаш е исто. Сите соседи седат на своите балкони, довикувајќи се еден со друг. Децата играат пред зграда, со страв некој да не им ја издиши топката. Или да не го изгребат новиот велосипед. Како пред триесетина години. Онака, како што само ние знаеме. Со душа. 

Никогаш ние

Се вклопи сосем добро во сите бајки на светов. И во сите разговори со луѓето имаше место за него. Не знаев ни како изгледа, ни која боја е неговиот глас. Мирисот на непознатото се шири во собата. Тивка музика и летен пекол. Вратата од балконот е подотворена, додека светлината се пробива меѓу стаклата. Улиците се празни. Среда попладне. Нова среда. Го чекав со часови. Денови. Месеци. Години. И не дојде. Ниту еднаш. Ниту прати писмо, ниту крена слушалка. Ништо. Не го бев видела никогаш. А во мене се уште има надеж. Ќе чекам. Можеби ќе дојде а можеби и не. И со и без него, и пред и по него.. Јас токму него ќе го сакам. Иако не го знам. Длабоко во мене тој е всушност јас. Конфузно беше. Јас и јас. Тој и тој. Јас и тој. Тој и јас. Но, никогаш ние.

54

Го отворив веќе искинатиот дневник од детството. Пожолтеле страниците, се забелeжува дамката на времето. Си велам да испишам уште една страница чиста детска топлина. Токму денес, на овој четиринаести август. Жешкото сонце го пече скопскиот асфалт. Дури и кучињата лаат различно во лето. Во скопското лето. Исто како кога бев малечко девојче. Летото остана исто. Немирно а толку хармонично. Мачнината ја опфаќа утробата на секој жител. И покрај се',  задоволна сум поради фактот што уште еден ден дишам во моето родно Скопје.  Го живеам педесет и четвртиот ден од летото. Никој не знае како минува летото овде, освен Скопјани. Од Аеродром до Ѓорче, од Водно до Скопска Црна Гора. Каде и да одиш, секогаш се враќаш токму тука. Во центарот на случувањата. Затоа што Скопје не е град, туку начин на живот. Затоа што 54 не е само бројка, тоа е уште една нова приказна. 


Tuesday, August 13, 2013

Не се осмелив да прашам

Го гледав секој ден. И тој ме гледаше мене. Најубави погледи беа тоа. Погледи со душа. Спојување на едни сини очи, длабоки како океанот и едни кафени, кои цврсто парираа. Вода и копно. Иритантни погледи, полни со самодоверба. Некогаш нервираа. Некогаш ме тераа да искршам се околу мене. Некогаш ме правеа попустлива и нежна. Некогаш ме игнорираа, а сепак   тој ме гледаше. Не со очите, со душата. Го мразев и го сакав неговото внимание истовремено. Миксот од чадот на цигарата и неговиот парфем сочинуваше совршена хармонија за моите сетила. Тој беше единствениот кој не ме гледаше како другите. И покрај тоа што знаев да бидам невозможна кучка со примаси на дама, тој ме гледаше и обично и чудно. Со презир и со љубов воедно.Со став. А не се осмелив ни себеси да се запрашам.. Зошто го гледам, кога ни име не му знам? 

А поминаа децении

Животот летна пред мене, а  секогаш мислев дека имам време за се. Прв збор, прв чекор, прв училишен ден, прв неотварен сон, прва симпатија, прва љубовна болка. Кога си млад мислиш дека животот е доволно долг за да оствариш се што си посакувал, а не е така. Градинка, па основно и средно образование, факултет, потоа следат дузина усовршувања во струката, работа, пензија.. И како еден миг да поминал, ти веќе си на смртна постела што се вели. И не се каеш за направеното, туку за ненаправеното. Грешките одеднаш ти стануваат подраги. Барем знаеш дека си правел нешто. Децата растат премногу брзо. Денес си пет годишно девојче што се обидува да ја имитира мајка си, а утре веќе треба да внимаваш на своите деца. Со насмевка се сеќаваш на тинејџерските години, сите драми, болни спомени и лудости. Сакаш да се вратиш назад. Уште еднаш да ги проживееш работите кои некогаш мислеше дека се глупостите. И со време ќе сфатиш дека веќе не се слуша твојата омилена музика, повеќе не глуми твојот омилен актер, местата на кои си излегувал се веќе затворени. Твоите родители и пријатели од детството веќе ги нема. Дури и работите кои некогаш си ги мразел сека се би дал повторно да ги видиш. Веќе немаш сила да ја направиш онаа работа што никогаш не си ја направил. Некогаш се молеше да пораснеш што побрзо, а види сега. А поминаа децении... Немаш повеќе време да проживееш уште една авантура. Едноставно не можеш два пати да бидеш млад, ниту два пати да го живееш сонот. 

Saturday, August 10, 2013

Загубената сестра

Таа беше моја најдобра пријателка. Се знаевме од мали нозе, практично пораснавме заедно. Сешто проживеавме. Беше тоа совршено. Сите убави спомени и научени лекции од грешките. Како вчера да беше. Што правев јас, правеше и таа. Што мислеше таа, мислев и јас. Се сеќавам на безрезервната поддршка која си ја дававме. Нашите разговори никогаш не ги напуштија тие четири ѕида. И најбесмислената работа со неа имаше смисла. Со таква пријателка, не ми требаше војска која би ме штитела. Таа беше подготвена да му се спротистави на светот, само за да ме заштити од суровоста. И кога грешев беше на моја страна. И кога се противев. И кога бев разочарана. Фактички таа ме израсна мене, а јас неа. Сета болка од моето срце знаеше да исчезне со нејзините шеги. После толку време, се' уште ја чувствувам крај мене иако е на другиот крај на светот. А од неа немам ништо освен една слика. Дел од неа живее во мене. Иако не можам да ја видам и слушнам, таа сепак е тука. Еден ден можеби животот повторно ќе ја врати. Дотогаш, ќе живеам со спомените. И надежта за иднината. 

Thursday, August 8, 2013

Станот на една болка

Само што ја отворив вратата од станот, веднаш ме обзеде некакво чувство на меланхолија,тага...Носталгија. Живеам овде, иако избегнувам да поминам подолго време дома. Премногу боли да бидам во центарот на тагата. Се' што ми остана од него е запалка, речиси празно шише Шток и милиони спомени. Во воздухот се чувствува неговиот мирис, иако неговата нога не стапнала тука со години. Кога и да влезам, во очи ме гаѓаат сликите од некогашните времиња. Низ глава ми се вртат сите наши стихови. Во срцето ми се забодува уште една сабја. Крварам, а не ми е гајле. И така научив да живеам мртва. 


За крај

-Знам дека згрешив, но те молам дај ми уште една шанса. Знаеш дека те сакам. И ти мене ме сакаш... Што велиш, да се обидеме уште еднаш? Ми недостигаш.
-Не ти недостигам јас, туку моето внимание. Ти мене не ме сакаш. Всушност никогаш не си ме сакал.
-Чекај..Не е така.
-Така е. Било и ќе биде. Ти доби милион шанси, иако не заслужуваше. Нема уште еднаш да се сопнам на истиот камен.
-Ќе те освојам повторно. Ќе се сменам, ветувам.
-Не сакам да ги слушам повеќе твоите празни ветувања. Ти секогаш ќе останеш ист.
-Ти го загорчив животот, но...
-Престани. Ти благодарам за сета болка која ми ја нанесе. Ме научи дека не треба да размислувам со срцето и да верувам секому. Ти не си грешка во моето минато, само добро научена лекција. Ти благодарам.
-Биди среќна... Заслужуваш. Ако некогаш решиш да простиш барем за миг, го знаеш мојот број. Те разбирам. Идиот сум јас, ми нема спас.
-Збогум.
-Биди среќна, ти посакувам се најубаво. Збогум за крај, мила моја.

Wednesday, August 7, 2013

Умре нашето, сега живее во двајцата

Меѓу пријателите, секогаш јас бев оној таканаречен женкар. Секогаш девојките трчаа по мене. Заведував со неколку убави зборови. Ме привлече една девојка, која со презир гледаше на светот. Се обидував да и симнувам ѕвезди, но тоа кај неа не успеваше. Единствено ќе ми дадеше некој саркастичен коментар или шега на моја сметка. Уште повеќе ме привлекуваше нејзиното однесување на ледена кралица. Беше таа девојка со став. Не ми се умилкуваше како другите. Дури знаеше да каже и по некоја навреда, секако од нејзината уста тоа изгледаше како најголем комплимент за мене. Сакав да зборувам со неа. Имавме слични видувања, иако понекогаш се инаетевме. И кога глумев дека сум лут, ми годеше тоа да бидам крај неа. Немав сила да и кажам што навистина чувствувам. Се плашев. Еј, јас да се плашам... Какво чувство. Не знаев што ќе ми каже таа. Со неа не се знаеше. Подобро да не ризикувам, да не го уништам и ова испревртено пријателство. Не можев да бидам негативен покрај неа, едноставно нејзината насмевка беше заразна. Ме привлекуваше нејзината брутална искреност пропратена со голема доза мистерија, кога се работеше за нејзиниот живот. Го знаев само нејзиното име, местото на живеење и возраста. Се друго беше енигма. Не ми се отвори. Ист бев и јас. Со текот на времето, егото ми растеше. Решив да заминам, очекувајќи дека таа ќе трча по мене. Тоа не се случи. Подоцна слушнав дека е се уште слободна, но многу депресивна. Се зборуваше дека дури станала и асоцијална. Не верував. Едноставно копнеам по неа, иако знам дека не можам да бидам крај неа. Двајца егоисти.. Подобро не. Прекрасно би било да сме заедно, ама ние не можеме. Не сме како сите други. Нашето би завршило болно и катастрофално за сите. Со која и да бидам, ќе ја сакам неа затоа што само таа знаеше како да биде толку злобна а сепак неверојатно добра. Мислам дека и таа го чувствува истото. Се сеќавам на тие сини очи... Штета што нашето се удави во длабочините кои се наоѓаа во нив. Штета што не бевме како сите други. Штета што не и кажав. Ќе оздрави таа од оваа болест.. Силна е таа, си велам сам на себе. 

Да бев твоја

Да бев твоја ќе те прегрнев силно, речиси до болка. Немаше да ти шепнам дека те сакам, туку ќе се изнавикав на сиот глас. Ќе ме слушнеше целиот град, ако не и пошироко. Ќе те бакнев гладна за љубов, ќе те погледнев со очиве кои одамна трагаа по твоите. Да бев твоја ќе ти се смеев до болка, додека не ми се здрват сите мускули на лицево. Ќе те држев за рака од утро до мрак, за вечно да ја чувствувам твојата топлина. Да бев твоја, ќе те провоцирав додека не пукнеш од лутнина а потоа ќе ти се вовлекував под кожа, невино барајќи прошка. Да бев твоја, а ти мој.. Да бев. Ама не сум. Не можам да те погледнам, погледот ми е прикован за земјата. Не смеам да те видам, инаку уште повеќе ќе патам. Уште повеќе ќе ме пече нешто, гледајќи те среќен со друга. Јас повеќе не ќе живеам со помислата дека можеби еден ден... - и се насолзија очите. Солзите почнаа да се тркалаат по нејзиното изнемоштено лице кое бараше нечие внимание. Се смири, ја искина хартијата на кое се обиде да напише уште едно писмо до него. Стана и ги фрли парчињата пожолтена хартија во корпата, која патем беше полна со неуспешни обиди за искажување на една љубов. Еден живот. 

Tuesday, August 6, 2013

Ќе го свртам светот

Ме понижувавте со векови. Ми го уништувавте духот. Не се срамам да признаам дека ги игнорирав вашите навреди, иако некаде длабоко ми го уништуваа духот. Нема повеќе. Нема да ви дозволам да си играте со мене. Не вртам нова страница, земав потполно нова книга. Не го знам крајот, но барем знам како да почнам. Ангелот во мене умре денес и никогаш повеќе нема да оживее. Веќе никој нема право да манипулира со мене. Сега јас сум кучката. И подобро е вака. Многу подобро. Не ми треба мене никој, се имам себеси. Сама и најмоќна од сите. Нека јас бидам вештерката, а вие невините девојчиња. Таква ме направивте, сега ќе ги чувствувате моите тортури насекаде околу вас. Ќе ве демнам додека не го изгубите секој атом на сила. Ќе го свртам светов наопаку додека не ве уништам. Ќе дознаете што значи да експлодира вулканот во присебната личност. Подобро скријте се некаде со помислата дека нема да ве најдам. 

Забрането овошје

Беа млади. Беше тоа една балада, еден белег на неостварена љубов. Скитник и принцеза. Тој незаинтересиран, груб, несоцијализиран. Таа префинета, разгалена... Неговиот здив уште рано наутро мирисаше на алкохол и никотин. Зависник. Велеа дека е пропаднат фотограф. Секогаш беше сам, доколку не се бројат многуте шишиња виски крај него. Некогаш и тој бил дел на она ексклузивно друштво. Само некогаш. Изгубил се' што можел. Таа се грижеше за него, иако тоа не го покажуваше. Знаеше дека тој не е за неа, иако ги делеа истите чувства. Тој беше нејзината единствена пасија. И денес го љуби со целото срце, и покрај многубројните скандали и озборувања. И тој неа ја љуби, надевајќи се дека еден ден некој пијалок ќе му помогне да ја заборави. Самиот е свесен дека не ја заслужува. Не денес, не сега. 

Sunday, July 21, 2013

Неговите карактери

Во неговиот ум се бореа многу мажи. Првиот, моќен и разумен, кој во секоја ситуација знаеше да извојува победа беше олицетворение на совршенството. Секогаш среден џентлмен, полн со знаење и елеганција. Мажествен, самоуверен и беспрекорно фин. Вториот, безволен и нерешителен, кој никогаш не знаеше со сигурност што прави. Без манири, со речиси простачко однесување. Арогантен а сепак исплашен од неговата околина. Или зборува како навиен, или немо те гледа. Има и други во него. Скапоцен, везвреден, романтичен, злобен... Не знам во кого се заљубив. Секој ден тој е нова личност. Различен, а сепак толку ист. Го сакам баш онаков каков што е. Животот со него не може да биде здодевен. Не се идржува без неговиот мирис, глас, бакнеж. Нешто ме влече кон него. Совршен е токму ваков. Само мој. 

Лажам и кога ја зборувам вистината

Проблемот со луѓето е тоа што треба да поминеш половина век за делумно да знаеш за што зборуваат. И наједноставните фрази доаѓаат од душта и претставуваат производ на искуството, болката и бродоломите. Сите ја кажуваат вистината дури и кога лажат. Повеќето посакуваат да живеат во нивните соништа. Од страна изгледа дека тоа е злобно и подмолно, но само оној што ја кажал лагата ќе ја разбере својата постапка. Ако секогаш се кажува вистината, никој нема да ја запомни. Се лажам себеси. Те лажам тебе, а сепак не те лажам. Мислам дека сум успеала, а не е така.Можеби тоа што го кажувам за мене е вистина, но не и за другите. Се' е лага. Еднаш им веруваш на сите, потоа не можеш никому. Сите ние сме обични напатени души, кои се поврзуваат меѓусебно со разубавувањето на вистината. 

Saturday, July 20, 2013

Писмото кое никогаш не го испратив

Знаеш, не сум ни блиску до добро. Се уште носам товар на мојот изнемоштен грб. Не ме држат нозете. На работ сум. Те молам врати се, паѓам. Знаеш дека никогаш не продолжив да живеам без тебе. Само ги туркав проблемите нанапред. Те очекувам, знаеш. Секој ден се сеќавам на времето кога бев среќна. Времето кога се чувствував исполнето, кога знаев дека стојам со причина на ова тло. Секој ден се сеќавам на времето кога можев да зборувам до бесвест, кога не можеше да ми ја затвориш устата. Сега не можам да ја отворам. Врескам во себе, а никој не слуша. Не излегуваат зборовите. Дојди. Да те видам уште еднаш. Да почувствувам што значи радост. Па повторно оди. Повторно остави ме.

Thursday, July 18, 2013

Опасна пасија

Тешко е да бидеш сакан. Животот е комплициран и често ја нарушува човечката рамнотежа праќајќи ја вистинската личност во погрешно време. Љубовта е секогаш опасна. Да сакаш е надеж дека ќе добиеш се', наместо да изгубиш. Исто така, таа е ризик. Можеби сакаш повеќе одколку што си сакан. Сепак чуда се случуваат. Животот некогаш заборава на болката и несебично подарува моменти на задоволство, љубов и среќа. Кругот се врти. Не се плашиме од нашата темна страна, туку од светлата. Не не' плашат слабостите, туку силните страни. Еден ден ќе го добиеме она што го сакаме. Онаа личност што ја сакаме.


Некогаш драгоцен, денес безвреден

Имаше моменти кога не се одвојувавме еден од друг. И сега по малку ми недостигаат неговите повици. Кратки, но слатки. Само боли помислата дека се јавувал само за да се осигура, да не биде виден со таа другата. Таа другата. Ме лажел. Јас му давав шанси, заслепена од едностраната љубов. Беше срдечен, грижлив само за да ме прелаже. Ми велеа дека не е за мене, не верував. Ги изгубив сите поради него. А тој и сега е среќен. Нема никакви лузни во неговото однесување. И додека јас тонам во самотија, тој се забавува. Одвратно чувство. Сега сфаќам дека навистина дволичните луѓе живеат во рајот. Ние добрите само патиме. Ако. Не тагувам за него, тагувам за оној кој мислев дека е. Не го ни мразам. За мене тој умре истата секунда кога ги дознав неговите задни намери. Изгубена душа е тој. Невредна. Не ми ни треба таков. Љубовта не е само романтични вечери, свеќи, слатки пораки. Многу повеќе од тоа. Таа е единствено микс од верност, желба и доверба. Она што ние го немавме. Она што тој го немаше. 

Wednesday, July 17, 2013

Последна љубов

Ја знаев цел живот. Никогаш не ја гледав како потенцијална партнерка, а ми се вовлече под кожа последниве месеци. За прв пат се заљубив искрено. Таа според останатите не е најпривлечната, најдобрата и најубавата. За мене е совршена. Толку убава... Елегантна... Недопрена. Кога ја гледам не знам дали сонувам или навистина ова се случува. Се заљубив, но таа не е за мене. Ја сакам толку многу што не можам да си дозволам да ја бакнам со овие усни кои бакнувале секого. Не сум достоен за неа. Таа е невино девојче кое трага по својот принц. Јас не можам да бидам она што таа го бара. Моите гревови не можам да и ги префрлам нејзе. Премногу е драгоцена за да љуби некој како мене. Премногу е добродушна. Не сакам да и го уништам духот и телото. Ќе ја сакам, но нема да бидам крај неа. Никогаш нема да можам да ја направам среќна, иако тоа најмногу го сакам. Знам дека и таа ги дели истиве маки со мене. Ќе ја боли сега, но ќе и помине. Ќе и се сруши светот, но ќе го најде вистинскиот и повторно ќе го изгради. Подобро сега да пати, одколку цел живот. И посакувам се најдобро, затоа не можам да дозволам да страда поради мојот ужасен карактер. Да можам да го вратам времето, никогаш не би ги направил истиве грешки. Би се сменил, би бил чесен и искрен. Би застанал пред неа, и би кажал што чувствувам. Би ги кажал тие два збора составени од седум букви. Но, не можам. Не смеам. Никогаш никому нема да ги кажам. Нека останат засекогаш во моето грло. Неискажани. Непроживеани. Ми беше прва и последна. Единствена. Бог знае дека ако можев, уште веднаш би бил со неа. Ако можем... Некои луѓе се сакаат само на далечина. Од љубов го правам ова, ќе ме сфати. Секогаш ќе ја набљудувам од далеку. Барем визуелно мојата душа ќе биде исполнета кога ќе ја видам со нејзиниот сопатник. Има разлика меѓу најголемата и вистинската љубов. Мора да биде така. Таа мора да биде среќна... Без мене. 

Tuesday, July 16, 2013

Војна за мир


Некои војници не можат да се оттргнат од војните во кои учествувале. И покрај примирјето, се коваат планови за следната битка. Секој знае дека војните не завршуваат. Само се менуваат. И не може да има мир додека оружјето е се' уште наполнето, и постои доволно муниција... Никој не се предава знаејќи може да победи, и да ја подигне својата награда. А најопасните непријатели се оние кои никогаш не си ни знаел дека ги имаш. Па затоа ако сакаш мир, секогаш треба да бидеш подготвен за војна без лимити. И на крајот секој војник се враќа од таму каде што дошол, надевајќи се дека еден ден ќе го заборави она што го видел... И направил.  

Скриј се од минатото


И судбината има проблеми. Наместо премногу избори, одеднаш немаш ниту еден. Темнината конечно се среќава со светлината, но предецна. Таа веќе не е опција. Времето за поправка на грешките дојде и си замина, без никој да го види. На крајот секоја личност ја турка својата совест нанапред, надевајќи се дека подобри денови доаѓаат. Некогаш е така, некогаш не.                                          
Секоја планина, својата тежина. Луѓето често со тешко срце простуваат. Не е лесно да се прифати стореното. Или пак она што никогаш не е направено. На крајот на денот, се' се сведува на понизното каење пред имагинарниот помошник. И повторно, нема назад. Само напред, со обвинувања и надеж за прошка. Некогаш. До тогаш, стуткај се под меката прекривка и надевај се дека нема да бидеш пронајден. 
    

Monday, July 15, 2013

Залудно го сакаш

Забраните немаат ни најмали шанси против волјата. Ако сакал нешто да направи, ќе го направел. Штом не сакал, бара само изговор за да се ослободи од железните окови околу него. Секој се стреми за слобода. Без разлика колку се обидувал да биде добар, еднаш неговата темна страна мора да излезе на виделина. Не велат без причина дека светецот има минато, но и грешникот иднина. Можеш да го изнесеш него од забавата, но не можеш да ја изнесеш забавата од него. Затоа и го сака, прифати и сама. Залудно, но сепак го сакаш. 

Очекувајќи го витезот

Неколку недели ја читав омилената Colette во паркот, надевајќи се дека мојот спасител ќе дојде да ме одведе од тука. Очекував дека некој ќе ги прави истите работи со мене.Очекував некој кој ќе се чувствува како мене. И не беше ефективно. Тој не дојде. Не ме спаси од копнежот по него. Не знам што да правам со себе. Се' ме потсетува на нашите среќни мигови, на времињата кога бевме едно. Мојот некогашен витез не ме спаси. Не знам ни од кого требаше да ме спаси... Дали од себе или од другите... Времето измина, не смеам повеќе да се навраќам назад. Кога веќе нема кој да ме штити, ќе се заштитам самата. Од денес сум сама свој заштитник, борец и советник. Нема веќе високи очекувања. Нема веќе разочарување. И јас можам да бидам силна. И ќе бидам, затоа што морам. 

Sunday, July 14, 2013

Духовно прочистување

Самотијата е она што ми треба. Не ми се потребни ни момчиња, ни барови, ни секојдневни лекции од општеството. Ќе го минам летово сама, со кремата за сончање и дузина непрочитани книги на некоја песочна плажа, далеку од местото каде секој го знае моето име. Морам да изберам, и се бирам себеси. Сите момци се кретени. Јас тоа го сфатив со текот на времето. Искуството чини чуда. Момците само стануваат попривлечни со времето, а девојките учат како да бидат толерантни. Барем за миг сакам да заборавам на се'. Цели осум месеци во мене се водеа битки меѓу разумот и срцето. Време е она што живееше во мене да го исфрлам во длабоките солени води. Нека се удават сите спомени, или барем нека колабираат од топлината. Морам да напишам нов крај на стара приказна. Или барем да си ги средам мислите. Нека биде ова само мое лето. 

Спаси се

Злобен си, не по твоја вина. Верувај, повеќе не сум слепа. Те сакав и те штитев од сите мршојадци кои не демнеа, а ти ме казни поради тоа. На крајот ме третираше како нешто што си го поседувал, наместо како нешто што си го заслужил. Тој најмногу ме повреди. Направи да се чувствувам бедно, како и оние пред мене. Никогаш нема да ти го заборавам тоа. Сепак јас го најдов мојот излез од овој пекол. Ти ја посакувам и тебе оваа среќа, ниедна душа не згрешила толку за да живее како твојата. Се' уште има шанси да се спасиш доколку сакаш. Не склучувај уште еден пакт со ѓаволот, верувај ќе се врати да го земе она што си му го ветил. Признај ги своите грешки и продолжи гордо по својот пат. Доколку успееш, можеби и ќе бидам повторно твој сопатник. Не ги казнувај луѓето кои те сакаат, ќе зажалиш.

Saturday, July 13, 2013

Трансформации на едно време


Леопардот не може да го промени своето крзно, но некои работи навистина се менуваат. Избраниот пат може да стане една голема копнена авантура. Приземјеноста може да доведе до емоционални земјотреси. Секој некогаш бил сведок на бизарни настани. Само затоа што видел многу, не значи дека видел се'. Можеби најдобрите денови се зад нас, но секој има некаков трик во ракавот. Животот е полн со изненадувања. Соништата се исполнуваат. Исто како и најстрашните кошмари... Несвесно, или пак можеби свесно се прават грешки. Грешки на кои подоцна го трошиме скапоценото време, обидувајќи да смениме нешто. Но, не може. Тоа што не може да го смениме на крајот ќе не смени нас. Навраќајки се на минатото, го губиме моментот кој може да го направиме најдобар во нашиот живот... Дури штети и да трепнеме. И тогаш може да пропуштиме нешто. Или некој...   



Внимавај што зборуваш

Без разлика на вистината, луѓето го гледаат она што сакаат да го видат. Некои луѓе ќе направат чекор назад и ќе видат дека се вртеле во круг се' досега. Некои ќе забележат дека за малку ќе се сплеткале во сопствените лаги и интриги. Некои лиѓе ќе ја видат вистинската ситуација, можеби со мало задоцнување. А тука се и оние други. Оние кои со се глава ќе избегаат само за да не се погледнат себеси. И тогаш ќе сфатиш дека некои кутии на животот никогаш не требало да ги отвориш...
Луѓето често се обидуваат да ја разубават вистина сметајќи дека никој нема да погледне под свилената прекривка. Вистината ќе се избори со сите пречки и ќе ги шокира сите кои нешто ти значат. Само затоа што старите рани се изложени пред будното око на светот, не значи дека последиците нема да настапат на сцената. Можеби само тајмингот ќе биде променет.Контролирај го своето однесување, не се знае кој може да ги искористи твоите зборови против тебе.   




Thursday, July 11, 2013

Промени

Промените со животот се случуваат на големи настани. Но, најголемите промени се случуваат во оние неприметни моменти. Кога застануваме за секунда да видиме каде сме и какви сме станале. Гледаме до каде сме дошле, но и до каде треба да одиме. Понекогаш гледаме што сме изгубиле... И кого. Некогаш гледаме што ново сме добиле. Се сеќаваме на оние старите времиња, кога не ни помислувавме дека до тука ќе стигнеме. Но, мора да го пуштиме минатото да остане каде што е. Тоа секогаш ќе биде присутно. Ќе ја поматува водата на сегашноста. Ќе ни се суди за грешките направени одамна, иако луѓето се менуваат. Мора да продолжиме напред, без оглед на се. Судбината ќе ни го покаже патот. Можеби тоа ќе биде вистинскиот. На крајот стануваме луѓе какви што не посакувавме, но можеме да се обидеме повторно. Минатото го диктира темпото на иднината, наш изброр е дали ќе играме на овој ритам или ќе создадеме свој. И можеби следниот пат, ќе ја направиме вистинската одлука. Нема да бидеме сосема сами на крајот, но нема ни да можеме да се вратиме назад. Останува на нас...

Затоа што те сакав

Ти никогаш не беше мој. Ни за еден миг. И не те обвинувам. Таков си ти... Не можеш да бидеш со една. Не можеш да бидеш со мене. Во ред е. Не ме боли повеќе. Еднострана љубов, нема потреба да се оптеретуваш. И нека не ти е грижа што е со мене. Ќе те заборавам. Се колнам во се' што ми остана дека ќе заборавам што чувствував. Биди со некоја како тебе. Моќна и бестрашна. Онаква каква што јас никогаш не бев. Сакам да знаеш дека ти си најдоброто нешто што ми се случило. Иако моите и твоите усни никогаш не се допреа, живеам со помислата на тој неостварен миг. Повеќе не ни посакувам да се случи. Не било пишано. Судбина. Ќе заборавам. Да, верувам во тоа. Ќе продолжам како ништо да не било. Ќе станам поинаква...Затоа што те сакав. Тоа ме промени од корен. 

Tuesday, July 9, 2013

Пријатели

Тешко е да го најдеш вистинскиот пријател денес. Во текот на потрагата, многу маски ќе паднат. Многу соништа ќе бидат уништени. Многу карактери ќе бидат променети. Можеби и ќе го најдеш оној вистинскиот пријател, а можеби и твојата потрага ќе биде залудна. Вреди да бараш, наградата е ретка и скапоцена. Кога ќе ја најдеш, чувај ја како очите во главата. Сега си во собата каде се' е елегантно и префинето. Но, зад ѕидот се крие онаа помалку позната страна. И најдобриот пријател има трпение. Внимавај, една капка е доволна за да се прелие чашата. Има слаби алки во секој синџир кои го чекаат моментот да се скршат, но има и нераскинливи. Никој не знае се' за никого. Не знаеш со кого живееш и како. Сите сме странци, колку и да мислиме дека знаеме се'. 

Девојката што ја сакав

Таа беше се' што сакав. Уште го чувствувам нејзиниот мирис на мојата перница. Понекогаш мислам дека е до мене. Се вратам, ја нема. Завршува мојот сон за топла љубов. Реално, ја повредив повеќе од сите. Имав добри намери, но патот ме однесе сосем на друга страна. Бев и виновен и невин. Без изгубен во својата глава, сакајќи да биде само моја. Бог знае дека мислев само добро. И секој ден за мене претставува нов почеток на еден кошмар. Осаменост, тага... Ми даде илјада нови шанси, но не ги искористив. Сега е среќна со него. Немам право да коментира мза него и за неа, за нив... Немам право да ја уништам нејзината среќа повторно. Ќе ја сакам додека сум жив. Никогаш не бев рамо до рамо со неа. Таа бараше љубов и топлина. Можев да и' ги приуштам овие нешта, но не размислив... Ја изгубив девојката што ја сакав заради моето одвратно однесување. Со неа, ја загубив и последната шанса да ја спасам мојата бедна душа. 

Wednesday, July 3, 2013

А се' уште ми значи...

Поминаа недели, месеци, години... А тој никогаш не се врати. Никогаш не ми прати една порака во која би ми кажал што чувствува. Никогаш не ми објасни зошто замина. Сега е среќен со друга. Можеби е поубава од мене, можеби и таа го сака. Само можеби. 
А можеби е осамен и тажен. Можеби страда, како и јас. Можеби. 
Не го видов од тој проклет ден. Ниеднаш. Скопјево не сака да не спои повторно. 
Велат скршено срце е, ќе помине. А мене, се' ме боли. Секоја клетка во телово ми создава ново страдање. Ми недостигаат оние моменти кога бев со него. Кога бев храбра и силна. Кога за прв и последен пат се чувствував сакана. Ми недостига неговиот здив, неговото срцебиење. Неговото битие. А немам ни слика со него. Стари филмови во мојата глава,кои повторно и повторно ги гледам. Се' уште ми значи... Само најтешко е тоа што знам дека никогаш повеќе нема да ми се врати. 

Tuesday, July 2, 2013

Превртливи политики

Некогаш останував будна цела ноќ за да разговарам со тебе. Одамна беше, речиси цела година мина... А во мојот стомак се' уште се бркаат оние љубовни змејчиња. Уште се надевам дека можеби ќе ми се вратиш. Можеби се ќе биде како порано. Времето ме натера да продолжам, иако се' уште се чувствувам како да се наоѓам на самиот почеток. Тој не може да го подари срцето на една девојка. Не е таков тип. Доминантните секогаш ќе си најдат друг плен, откако ќе им помине интересот за претходниот. Ме повреди многу, иако не сакам да прифам. Не сакам да прифатам дека се' заврши. Му верував, а ги изневери моите очекувања на најлош можен начин. Неговата превртлива политика го уништи моето невино срце. Но, ако. Еден ден отровот кој го вбризга во мене ќе го почувствува и самиот... 

Исти, но сепак различни

Шарлот: 
Уште од моето најрано детство бев опседната со својата телесна тежина. Уште од мала бев полничка, што предизвикуваше останатите деца да ме навредуваат. Подобро да ме тепаа, отколку да ми зборуваа се и сешто. Грдиот збор боли многу повеќе од обична шлаканица. Шлаканицата остава краткотрајно црвено, но навредата го крши срцето на милион парчиња. Вежбав до исцрпување, но едноставно не можев да ослабам. Се мразев себеси, го мразев фактот дека јас немам витка става како останатите. Не сакав да ослабам за себе, туку за да бидам прифатена од страна на другите. И јас сум човек. И јас посакувам да бидам искрено сакана од околината. И јас сакам да почувствувам како е да се има самодоверба. Посакувам барем некој да ме прифати таква каква што сум..

Ема: 
Од кога знам за себе јас сум прилично слабо девојче. Луѓето мислат дека сум анорексична, но тоа не е точно. Јадам многу повеќе од другите луѓе, но мојот метаболизам е поразличен. Јас не можам да се здебелам ни грам од мојата 13та година. Луѓето ме нарекуваат "прачка". За што сум јас виновна? Зарем треба да бидам осудувана без никој да ја знае мојата приказна? Ни јас не сакам да бидам слаба во овој размер, но не можам ништо да сменам. Немам облини, немам атлетско тело. Луѓето ме сметаат за социопат кој никогаш во својот живот не пробал ниту еден залак храна. Кога само некој би се обидел да ме сфати... 

Стефани: 
Јас сум обична девојка чија цел е да најде место под ѕвездите. Луѓето никогаш не се запрашале како јас живеам. Боледувам од хормонално пореметување, кое е виновник за мојата незанемарлива висина. Јас сум џуџе. Да, добро сфативте. Од мала носам високи потпетици, но и со нив сум премногу ниска. Луѓето понекогаш треба да клекнат за да ме видат. Високите луѓе ми се потсмеваат, ме навредуваат на секој можен начин. Понекогаш се прашувам зошто токму јас сум казнета на најлошиот начин. Зошто морам да живеам во пеколот, опкружена со ѓаволи кои ме демнат што и да направам. Зошто не сум родена под среќна ѕвезда? 

Пред да осудите некого според неговиот надворешниот изглед, размислете повторно. Што ако вие бевте на местото на таа личност? Секој сака да ја почувстува топлината на искрената љубов. Сите сме исти, безразлика на нашата надворешност. Надворешноста е само облик, кој го гледаме. Но, душата е многу поважна. Таа зборува за нас. Кажува кои сме и кои би сакале да бидеме... 



Sunday, June 30, 2013

Прв поглед

Недела наутро. Ден резервиран за убав појадок. Ах, ако мислиш дека ова е уште една приказна за мрзeливо утро, преиспитај се. Во мојот свет, појадокот претставува цела церемонија проследена со шампањ и дрес код. Стотици соработници, роднини, пријатели... и непријатели на едно место. Само што пристигнав. Внатре забележав висок и убаво облечен господин. Ми се приближи, а јас се здрвив. Во себе се молев да не направам некоја глупост. 
,,Сама сте?"
,,Молам?! Од каде ви е таа храброст?" - затреперив кога му го слушнав гласот. 
,,Ми се допаѓате." 
Е ова беше премногу за моите уши. Арогантен вообразенко, мисли дека може да ја има секоја дама која ќе ја посака. Не знаев што да му кажам. Од една страна ми се допаѓаше неговата брутална искреност, но сепак... 
,,Вие ова на секоја дама и го велите? Не повторно да паднам на клишеа."
,,Не ја кажувам таа фраза на секој што ќе го видам. Само на таа што ми оставила посебен впечаток. Инаку, некој ве повредил па зборувате така?" 
,,Ох, навистина? А како ви оставив впечаток кога имате разменето со мене неколку збора? Судите по изгледот?"
,, Во очите се гледа каква душа има човекот. Добро ги проценувам луѓето."
,,Јас за жал немам таков талент. Затоа научив сама да се штитам."
,,Можеби би дозволиле странец да се погрижи за вас...?"
,,За тоа ќе видиме на првиот состанок..."
Се насмевна. Тоа беше одговорот кој го очекувал. Симпатичен е. Има голема самодоверба, не се плаши да го каже она што го мисли. Ништо слично како претходните.Му закажав состанок точно за една седмица, на истото место. Целата сала зјапаше во нас. Што е толку чудно? Толку сме интересни? Оние кучките цело време го гледаат. Јас му се допаѓам, во ред?! Вие нема да добиете ништо. Време е да си одам. Се упатив кон излезот
Високите потпетици му даваат грациозност на мојот од. Господинот се врти по мене. Ми годи вниманието и почитта. Веќе размислувам што ќе се случи следниот пат.. Љубов на прв поглед или можеби само симпатија..? 



Дамка

Уште една ноќ е на прагот. Седам сама на балконот од вилата. Водата од фонтаната во дворот жубори, ја нарушува речиси совршената тиши. Долу се е празно. Мируваат и дрвјата,и водата од базенот.. Веќе и миленикот заспал во својата куќичка. Единствено јас сум будна, заедно со чашата црвено вино. Го пијам и последното шише кое некогаш ми го подари тој. Дојде на вечераво мојот дом пред многу години, тоа беше неговиот подарок. Не знам зошто баш денес го отворив долгочуваниот спомен. Пробувајќи да ја дополнам чаша, дел од виното се истури врз мојот фустан. Се создаде дамка, за која знаев дека не може да биде отстранета. Баш како што тој остави белег врз моето срце. Некогаш во ова време од ноќна бев со него... Безгрижна, среќна, исполнета. А сега нема ништо од тоа. Сите мои празнини се исполнети со самотија и очај. Се давам во сопствената неспособност повторно да љубам. Повторно да бакнам нечии усни со полно срце. Се што ми остана од невозможната љубов се скршено срце, немоќ и една обична дамка врз белиот фустан. 

Thursday, June 27, 2013

Добрите нешта

Како мала бев силно поврзана со мојот дедо. Тој беше мојот херој, човек на кој знаев дека секогаш ќе можам да се потпрам. Неговата прегратка беше налик иста како и сите друго, но само јас знаев дека не е така. Низ насмевка ми велеше дека секогаш ќе ме чува од лошите луѓе. Еден ден пред да почине, размислував колку ќе ми беше пуст животот без него. Тој ја вроди во мене љубовта кон литературата, музиката и авијацијата. Следното утро дознав дека починал. Одеднаш целиот живот се урна пред мене. Еден обичен инфаркт го оддели од мене. Поминаа многу години. Може да се каже дека малку пораснав, почнав да ги гледам работите од друга перспектива. Тој се' уште живее, во мене и насекаде околу мене. И секогаш кога ќе погледнав во небото ќе здогледам некој бел гулаб, кој ме потсетува на мојот дедо. И тој некогаш бил таков - бестрашен пилот изгубен во небесните пространства. Некогаш бил многу,многу слободен. Добрите нешта еден ден мора да исчезнат, за на нивно место да дојдат уште подобри. Сепак, никогаш не ги заборавив оние добри нешта кои ми овозможија сега да се чувствувам како владетел на светот. 

Посветено на најдобриот дедо кој некогаш постоел. 


Wednesday, June 26, 2013

Среќни краеви

Знаеш мило, не е се така розово во животот. Многу пати ќе бидеш повредувана од различни фактори. Ќе се најдат луѓе кои ќе ти ги уништат сите соништа со еден потег. Секогаш ќе има некој кој е подобар и попривлечен од тебе. Ќе бакнеш многу жаби додека да го најдеш принцот, а кога ќе го најдеш ќе сфатиш дека тоа не е она што го сакаш. Ќе изградиш кариера, но ќе те турнат посилните. Така е тоа во животот, само најсилните успеваат. Ние смртници не живееме, само преживуваме. Тежок е животот меѓу четири ѕида, кога знаеш дека некој живее во палата илјада пати поголема од твоето аголче на крајот од уллицата. Лошо е чувството да го гледаш оној кој го сакаш како сака друга личност. Срцето ќе ти се скрши на многу парчиња, злато. Но, мораш да научиш да живееш со болката. Така е насекаде околу нас, не демнее. Го чека најдобриот момент за да нападне. Опасна е таа, но може да ја победиш. Знам дека го можеш ти тоа. Посилна си одколку што мислиш. Сите сме. Жалам што мене немаше кој да ми го каже ова. Сега ја плаќам цената на мојата ранливост и недоволна желба за успех, но не ти го посакувам тоа. Биди девојка на која другите ќе и се восхитуваат. Чекори низ пеколот со крената глава и насмевка на лицето, дури и кога си тажна. Знај малечка, среќните краеви се ретки но возможни. Само верувај во сопствените капацитети и ќе успееш. 

Monday, June 24, 2013

Империјата на срцето

Се заљубив во него уште кога за прв пат го видов. Горделив сноб. Не дозволува да му го згазиш егото. Малечката вештерка се заљуби во својата копија. Поминаа пет години од нашата прва средба. Потајно знаев дека и тој ги разгорува истите чувства во себе како и јас. Но, никој од нас  не се осмели да признае. Два збора, седум букви и слатка горчина во грлото пропратена со лебдење во стомакот. За овие пет години, се чувствував очајно. Врескав во себе, а бев совршено тивка за другите. Чудото се случи по толку долго исчекување. Го сретнав на една забава кај заеднички пријател. Јас, тој и базен. Имаше и други гости, но во тој момент не постоеја. Пробував да ја изладам желбата за неговите усни со чаша мартини. Седнав покрај шанкот,целосно мокра од водата во базенот. Пристигна тој. Дрско седна до мене, не прашувајќи ништо. Арогантен безобразник, но сепак има нешто специјално во него. Тој поглед, таа насмевка.. Ветува забавен живот. Бев замислена и ослепена од желба за него. Во еден момент се сврте кон мене и страсно ме бакна. Мислам дека пеперутките во стомакот прераснаа во змејови кои исфрлаат оган во мојата утроба. Се бакнувавме долго, не обрнувајќи внимание на околината. Нагло ме подигна од столот, и ме однесе повторно во базенот. Пробував да се смирам, но ни ледената вода не помагаше. Горев од желба засекогаш да останам во неговите прегратки, осипувана со бакнежи. Веќе не ме интересираше ништо, ниту најновите колекции на светските дизајнери, ниту буџетскиот дефицит на Никарагва. Не знаев дали сум луда или вљубена. Единствено неговиот бакнеж повторно ме натера да му се препуштам на моментот. Одеднаш се одвои од мене. Потоа повторно се доближи и заводливо ми ги шепна тие волшебни два збора. Да ми ги кажеше тие зборови пред пет години, веројатно никогаш немаше да чувствувам толкава желба да бидам со него. Дистанцата не' направи посилни и ни дозволи да се љубиме повеќе од сите. Империјата на срцето сепак ја надмина онаа на гордоста..