Соседот ти е брат. Некогаш и повеќе од тоа, зависи од времето. Некој грам шеќер, шише масло, десна рака при реновирање. Некое утринско кафе и лесен муабет. Никој не се интересира дали си директор или келнер, бизнисмен или тапкарош. Единствено дали си расположен за пријателски совет. Балкански сосед е посебен вид. Никој Французин не може да не сфати, намуртено јадејќи од кроасанот крај Ајфелова. Ниту Американец, возејќи се во некое жолто такси со цел што поскоро да пристигне на работа. Да не му одбијат од плата, не за друго. Се случува во недела наутро да те разбуди турбофолк, што се вели до даска. И пијан сосед да прави неред во ходникот. Ни тука не е се така розово. И меѓу соседите има кавги. Паѓаат тешки зборови. Ама на крај секој го вее белото знаме. Соседите од приземјето и горните катови, сплотени во едно бараат решенија за новонастанатите проблеми. Соседот ти е потребен. Инаку нема кој прв да ти честита за приновата, или да ти ги брише солзите на погреб. Или да ти позајми по некоја маса и столица за слава. И да ти даде нов рецепт за кифли, па и да си размените Руска салата на Нова Година. И да ти дојде на роденденска прослава со цел да коментира каква е тортата. И на крајот на денот секогаш е исто. Сите соседи седат на своите балкони, довикувајќи се еден со друг. Децата играат пред зграда, со страв некој да не им ја издиши топката. Или да не го изгребат новиот велосипед. Како пред триесетина години. Онака, како што само ние знаеме. Со душа.

No comments:
Post a Comment