Да бев твоја ќе те прегрнев силно, речиси до болка. Немаше да ти шепнам дека те сакам, туку ќе се изнавикав на сиот глас. Ќе ме слушнеше целиот град, ако не и пошироко. Ќе те бакнев гладна за љубов, ќе те погледнев со очиве кои одамна трагаа по твоите. Да бев твоја ќе ти се смеев до болка, додека не ми се здрват сите мускули на лицево. Ќе те држев за рака од утро до мрак, за вечно да ја чувствувам твојата топлина. Да бев твоја, ќе те провоцирав додека не пукнеш од лутнина а потоа ќе ти се вовлекував под кожа, невино барајќи прошка. Да бев твоја, а ти мој.. Да бев. Ама не сум. Не можам да те погледнам, погледот ми е прикован за земјата. Не смеам да те видам, инаку уште повеќе ќе патам. Уште повеќе ќе ме пече нешто, гледајќи те среќен со друга. Јас повеќе не ќе живеам со помислата дека можеби еден ден... - и се насолзија очите. Солзите почнаа да се тркалаат по нејзиното изнемоштено лице кое бараше нечие внимание. Се смири, ја искина хартијата на кое се обиде да напише уште едно писмо до него. Стана и ги фрли парчињата пожолтена хартија во корпата, која патем беше полна со неуспешни обиди за искажување на една љубов. Еден живот.

No comments:
Post a Comment