Ја знаев цел живот. Никогаш не ја гледав како потенцијална партнерка, а ми се вовлече под кожа последниве месеци. За прв пат се заљубив искрено. Таа според останатите не е најпривлечната, најдобрата и најубавата. За мене е совршена. Толку убава... Елегантна... Недопрена. Кога ја гледам не знам дали сонувам или навистина ова се случува. Се заљубив, но таа не е за мене. Ја сакам толку многу што не можам да си дозволам да ја бакнам со овие усни кои бакнувале секого. Не сум достоен за неа. Таа е невино девојче кое трага по својот принц. Јас не можам да бидам она што таа го бара. Моите гревови не можам да и ги префрлам нејзе. Премногу е драгоцена за да љуби некој како мене. Премногу е добродушна. Не сакам да и го уништам духот и телото. Ќе ја сакам, но нема да бидам крај неа. Никогаш нема да можам да ја направам среќна, иако тоа најмногу го сакам. Знам дека и таа ги дели истиве маки со мене. Ќе ја боли сега, но ќе и помине. Ќе и се сруши светот, но ќе го најде вистинскиот и повторно ќе го изгради. Подобро сега да пати, одколку цел живот. И посакувам се најдобро, затоа не можам да дозволам да страда поради мојот ужасен карактер. Да можам да го вратам времето, никогаш не би ги направил истиве грешки. Би се сменил, би бил чесен и искрен. Би застанал пред неа, и би кажал што чувствувам. Би ги кажал тие два збора составени од седум букви. Но, не можам. Не смеам. Никогаш никому нема да ги кажам. Нека останат засекогаш во моето грло. Неискажани. Непроживеани. Ми беше прва и последна. Единствена. Бог знае дека ако можев, уште веднаш би бил со неа. Ако можем... Некои луѓе се сакаат само на далечина. Од љубов го правам ова, ќе ме сфати. Секогаш ќе ја набљудувам од далеку. Барем визуелно мојата душа ќе биде исполнета кога ќе ја видам со нејзиниот сопатник. Има разлика меѓу најголемата и вистинската љубов. Мора да биде така. Таа мора да биде среќна... Без мене.

No comments:
Post a Comment