Се заљубив во него уште кога за прв пат го видов. Горделив сноб. Не дозволува да му го згазиш егото. Малечката вештерка се заљуби во својата копија. Поминаа пет години од нашата прва средба. Потајно знаев дека и тој ги разгорува истите чувства во себе како и јас. Но, никој од нас не се осмели да признае. Два збора, седум букви и слатка горчина во грлото пропратена со лебдење во стомакот. За овие пет години, се чувствував очајно. Врескав во себе, а бев совршено тивка за другите. Чудото се случи по толку долго исчекување. Го сретнав на една забава кај заеднички пријател. Јас, тој и базен. Имаше и други гости, но во тој момент не постоеја. Пробував да ја изладам желбата за неговите усни со чаша мартини. Седнав покрај шанкот,целосно мокра од водата во базенот. Пристигна тој. Дрско седна до мене, не прашувајќи ништо. Арогантен безобразник, но сепак има нешто специјално во него. Тој поглед, таа насмевка.. Ветува забавен живот. Бев замислена и ослепена од желба за него. Во еден момент се сврте кон мене и страсно ме бакна. Мислам дека пеперутките во стомакот прераснаа во змејови кои исфрлаат оган во мојата утроба. Се бакнувавме долго, не обрнувајќи внимание на околината. Нагло ме подигна од столот, и ме однесе повторно во базенот. Пробував да се смирам, но ни ледената вода не помагаше. Горев од желба засекогаш да останам во неговите прегратки, осипувана со бакнежи. Веќе не ме интересираше ништо, ниту најновите колекции на светските дизајнери, ниту буџетскиот дефицит на Никарагва. Не знаев дали сум луда или вљубена. Единствено неговиот бакнеж повторно ме натера да му се препуштам на моментот. Одеднаш се одвои од мене. Потоа повторно се доближи и заводливо ми ги шепна тие волшебни два збора. Да ми ги кажеше тие зборови пред пет години, веројатно никогаш немаше да чувствувам толкава желба да бидам со него. Дистанцата не' направи посилни и ни дозволи да се љубиме повеќе од сите. Империјата на срцето сепак ја надмина онаа на гордоста..

No comments:
Post a Comment