Мистични букети наменети за оние што животот си го уништуваат со секој следен здив

Monday, June 17, 2013

Скопје, те сакам

Се родив во овој минијатурно огромен град. Израснав на место каде секој посакува да биде некој друг. Градов ме гуши а воедно ми подарува свеж здив. Ме тепа а ме гали. Ме навредува а ме фали. Чуден е. Со него не знаеш на што си. Сакаш да избегаш но не можеш. Некоја невидлива котва те држи на дното на Вардар, македонската Темза. Кога повторно ќе размислиш не сакаш да заминеш. Сите спомени се тука. И кога мислиш дека ти е најтешко, погледни кон крстот на Водно. Те охрабрува, иако не е Мон Блан. Скопје не е милионски град, а сепак толку многу приказни се испреплетуваат во него. Ќе сретнеш богат просјак и сиромав богаташ. Исти, а толку различни. Не можеш да останеш ладнокрвен слушајќи ја историјата на фамозниов град од устата на стара Скопјанка. Ова не е градот на светлината, а сепак секоја душа блеска толку силно што го засенува и самиот Париз. А луѓето.. Велат нашиот менталитет не вреди. Грешат. Скопјанец кога љуби, љуби од срце. Ретко ама вистинито. Искрено како аеродромска љубов кон МЗТ или пак онаа центарската кон Работнички. Иако не се во НБА лига пак ги обожуваме. Пример на чиста скопска љубов. Се сакаат Скопјани. Така било и ќе биде, колку и да негираме. Сите оние прошетки низ Градскиот Парк, фатени за рака.. Како да не се сеќаваш. Топлина ти го обзема срцето. Градби на секој чекор. Споменици на нашите предци. Спомени од едно време. Пази што правиш, Скопје ќе те заведе па ќе те изневери. Но секогаш ќе го сакаш. Зарем може некој да не го сака најпрекрасниот град на светот? 

No comments:

Post a Comment