Мистични букети наменети за оние што животот си го уништуваат со секој следен здив

Tuesday, August 20, 2013

Кога најмалку ќе очекуваш

Таа ќе ти набие на нос сè што досега си и направил. Секоја неправда кон неа ќе ти биде возвратена, затоа што таа е помоќна дури и од тебе. Ќе те боли повеќе од сите. Ќе ги бараш времињата кога таа за тебе претставуваше кротко јагне кое ги слуша сите твои наредби. Кога најмалку  очекуваш ќе го забие ножот точно во твоето срце и ќе те удри со твој камен по твоја глава. Е тогаш ќе се свестиш и ќе видиш што направи од неа. Создаде монструм, сега трпи го. Сепак, таа учеше од тебе. И одзема сè на што сметаше, единствено и остана одмаздата. Колку што те сакаше, толку сега те мрази. А и има право. 


Saturday, August 17, 2013

Часовници во крвта

И на крајот, се беше онака како што почна. Заморно и бескорисно. Знаев дека не требаше ни да почнам. Ни да помислам на таа глупост. А сепак ја направив. Влетав во неа без размислување. Се втурнав во бездната за ништо. Сè што добив за возврат на моето жртвување... Сè собира во една мала кутија. Два часовника и стегач за коса. И ден денес носам два часовника одеднаш. Едниот го мери времето потрошено за глупости, другиот само чука... Онака без душа. Како и јас самата. Се изморив веќе од овии игри. Престанувам веднаш. Барем остатокот на животот да го поминам како што сакам. 

Thursday, August 15, 2013

Краеви на познатото

Постои една универзална вистина со која сите порано или подоцна, мораме да се соочиме, без разлика дали сакаме или не. Се' си има свој крај. Ги сакаме краевите на лошите работи, а ги мразиме на оние подобрите. Последен ден од летото, последна глава од добра книга, разделба со близок пријател. И сепак краевите се неизбежни. Лисјата паѓаат. Книгата се затвора за последен пат. Велиш збогум. Еднаш секој ќе се раздели од се' она што досега му било познато, се' она во што се чувствувал свој. Секој продолжува да оди по својот пат. Само затоа што се збогуваме со некој,тоа не мора да значи дека се разделуваме. Некои луѓе, и покрај се', ќе бидат крај нас. Затоа што тие ни се тлото под нозете. Воздухот кој го дишиме. Ѕвездата водилка од која бараме да ни го покаже вистинскиот пат. И тие тивки гласови, кои секогаш ќе го натераат нашето срце да трепери, раскажуваат приказна. Бескрајна приказна. 

Wednesday, August 14, 2013

Соседи од приземјето

Соседот ти е брат. Некогаш и повеќе од тоа, зависи од времето. Некој грам шеќер, шише масло, десна рака при реновирање. Некое утринско кафе и лесен муабет. Никој не се интересира дали си директор или келнер, бизнисмен или тапкарош. Единствено дали си расположен за пријателски совет. Балкански сосед е посебен вид. Никој Французин не може да не сфати, намуртено јадејќи од кроасанот крај Ајфелова. Ниту Американец, возејќи се во некое жолто такси со цел што поскоро да пристигне на работа. Да не му одбијат од плата, не за друго. Се случува во недела наутро да те разбуди турбофолк, што се вели до даска. И пијан сосед да прави неред во ходникот.  Ни тука не е се така розово. И меѓу соседите има кавги. Паѓаат тешки зборови. Ама на крај секој го вее белото знаме. Соседите од приземјето и горните катови, сплотени во едно бараат решенија за новонастанатите проблеми. Соседот ти е потребен. Инаку нема кој прв да ти честита за приновата, или да ти ги брише солзите на погреб. Или да ти позајми по некоја маса и столица за слава. И да ти даде нов рецепт за кифли, па и да си размените Руска салата на Нова Година. И да ти дојде на роденденска прослава со цел да коментира каква е тортата. И на крајот на денот секогаш е исто. Сите соседи седат на своите балкони, довикувајќи се еден со друг. Децата играат пред зграда, со страв некој да не им ја издиши топката. Или да не го изгребат новиот велосипед. Како пред триесетина години. Онака, како што само ние знаеме. Со душа. 

Никогаш ние

Се вклопи сосем добро во сите бајки на светов. И во сите разговори со луѓето имаше место за него. Не знаев ни како изгледа, ни која боја е неговиот глас. Мирисот на непознатото се шири во собата. Тивка музика и летен пекол. Вратата од балконот е подотворена, додека светлината се пробива меѓу стаклата. Улиците се празни. Среда попладне. Нова среда. Го чекав со часови. Денови. Месеци. Години. И не дојде. Ниту еднаш. Ниту прати писмо, ниту крена слушалка. Ништо. Не го бев видела никогаш. А во мене се уште има надеж. Ќе чекам. Можеби ќе дојде а можеби и не. И со и без него, и пред и по него.. Јас токму него ќе го сакам. Иако не го знам. Длабоко во мене тој е всушност јас. Конфузно беше. Јас и јас. Тој и тој. Јас и тој. Тој и јас. Но, никогаш ние.

54

Го отворив веќе искинатиот дневник од детството. Пожолтеле страниците, се забелeжува дамката на времето. Си велам да испишам уште една страница чиста детска топлина. Токму денес, на овој четиринаести август. Жешкото сонце го пече скопскиот асфалт. Дури и кучињата лаат различно во лето. Во скопското лето. Исто како кога бев малечко девојче. Летото остана исто. Немирно а толку хармонично. Мачнината ја опфаќа утробата на секој жител. И покрај се',  задоволна сум поради фактот што уште еден ден дишам во моето родно Скопје.  Го живеам педесет и четвртиот ден од летото. Никој не знае како минува летото овде, освен Скопјани. Од Аеродром до Ѓорче, од Водно до Скопска Црна Гора. Каде и да одиш, секогаш се враќаш токму тука. Во центарот на случувањата. Затоа што Скопје не е град, туку начин на живот. Затоа што 54 не е само бројка, тоа е уште една нова приказна. 


Tuesday, August 13, 2013

Не се осмелив да прашам

Го гледав секој ден. И тој ме гледаше мене. Најубави погледи беа тоа. Погледи со душа. Спојување на едни сини очи, длабоки како океанот и едни кафени, кои цврсто парираа. Вода и копно. Иритантни погледи, полни со самодоверба. Некогаш нервираа. Некогаш ме тераа да искршам се околу мене. Некогаш ме правеа попустлива и нежна. Некогаш ме игнорираа, а сепак   тој ме гледаше. Не со очите, со душата. Го мразев и го сакав неговото внимание истовремено. Миксот од чадот на цигарата и неговиот парфем сочинуваше совршена хармонија за моите сетила. Тој беше единствениот кој не ме гледаше како другите. И покрај тоа што знаев да бидам невозможна кучка со примаси на дама, тој ме гледаше и обично и чудно. Со презир и со љубов воедно.Со став. А не се осмелив ни себеси да се запрашам.. Зошто го гледам, кога ни име не му знам? 

А поминаа децении

Животот летна пред мене, а  секогаш мислев дека имам време за се. Прв збор, прв чекор, прв училишен ден, прв неотварен сон, прва симпатија, прва љубовна болка. Кога си млад мислиш дека животот е доволно долг за да оствариш се што си посакувал, а не е така. Градинка, па основно и средно образование, факултет, потоа следат дузина усовршувања во струката, работа, пензија.. И како еден миг да поминал, ти веќе си на смртна постела што се вели. И не се каеш за направеното, туку за ненаправеното. Грешките одеднаш ти стануваат подраги. Барем знаеш дека си правел нешто. Децата растат премногу брзо. Денес си пет годишно девојче што се обидува да ја имитира мајка си, а утре веќе треба да внимаваш на своите деца. Со насмевка се сеќаваш на тинејџерските години, сите драми, болни спомени и лудости. Сакаш да се вратиш назад. Уште еднаш да ги проживееш работите кои некогаш мислеше дека се глупостите. И со време ќе сфатиш дека веќе не се слуша твојата омилена музика, повеќе не глуми твојот омилен актер, местата на кои си излегувал се веќе затворени. Твоите родители и пријатели од детството веќе ги нема. Дури и работите кои некогаш си ги мразел сека се би дал повторно да ги видиш. Веќе немаш сила да ја направиш онаа работа што никогаш не си ја направил. Некогаш се молеше да пораснеш што побрзо, а види сега. А поминаа децении... Немаш повеќе време да проживееш уште една авантура. Едноставно не можеш два пати да бидеш млад, ниту два пати да го живееш сонот. 

Saturday, August 10, 2013

Загубената сестра

Таа беше моја најдобра пријателка. Се знаевме од мали нозе, практично пораснавме заедно. Сешто проживеавме. Беше тоа совршено. Сите убави спомени и научени лекции од грешките. Како вчера да беше. Што правев јас, правеше и таа. Што мислеше таа, мислев и јас. Се сеќавам на безрезервната поддршка која си ја дававме. Нашите разговори никогаш не ги напуштија тие четири ѕида. И најбесмислената работа со неа имаше смисла. Со таква пријателка, не ми требаше војска која би ме штитела. Таа беше подготвена да му се спротистави на светот, само за да ме заштити од суровоста. И кога грешев беше на моја страна. И кога се противев. И кога бев разочарана. Фактички таа ме израсна мене, а јас неа. Сета болка од моето срце знаеше да исчезне со нејзините шеги. После толку време, се' уште ја чувствувам крај мене иако е на другиот крај на светот. А од неа немам ништо освен една слика. Дел од неа живее во мене. Иако не можам да ја видам и слушнам, таа сепак е тука. Еден ден можеби животот повторно ќе ја врати. Дотогаш, ќе живеам со спомените. И надежта за иднината. 

Thursday, August 8, 2013

Станот на една болка

Само што ја отворив вратата од станот, веднаш ме обзеде некакво чувство на меланхолија,тага...Носталгија. Живеам овде, иако избегнувам да поминам подолго време дома. Премногу боли да бидам во центарот на тагата. Се' што ми остана од него е запалка, речиси празно шише Шток и милиони спомени. Во воздухот се чувствува неговиот мирис, иако неговата нога не стапнала тука со години. Кога и да влезам, во очи ме гаѓаат сликите од некогашните времиња. Низ глава ми се вртат сите наши стихови. Во срцето ми се забодува уште една сабја. Крварам, а не ми е гајле. И така научив да живеам мртва. 


За крај

-Знам дека згрешив, но те молам дај ми уште една шанса. Знаеш дека те сакам. И ти мене ме сакаш... Што велиш, да се обидеме уште еднаш? Ми недостигаш.
-Не ти недостигам јас, туку моето внимание. Ти мене не ме сакаш. Всушност никогаш не си ме сакал.
-Чекај..Не е така.
-Така е. Било и ќе биде. Ти доби милион шанси, иако не заслужуваше. Нема уште еднаш да се сопнам на истиот камен.
-Ќе те освојам повторно. Ќе се сменам, ветувам.
-Не сакам да ги слушам повеќе твоите празни ветувања. Ти секогаш ќе останеш ист.
-Ти го загорчив животот, но...
-Престани. Ти благодарам за сета болка која ми ја нанесе. Ме научи дека не треба да размислувам со срцето и да верувам секому. Ти не си грешка во моето минато, само добро научена лекција. Ти благодарам.
-Биди среќна... Заслужуваш. Ако некогаш решиш да простиш барем за миг, го знаеш мојот број. Те разбирам. Идиот сум јас, ми нема спас.
-Збогум.
-Биди среќна, ти посакувам се најубаво. Збогум за крај, мила моја.

Wednesday, August 7, 2013

Умре нашето, сега живее во двајцата

Меѓу пријателите, секогаш јас бев оној таканаречен женкар. Секогаш девојките трчаа по мене. Заведував со неколку убави зборови. Ме привлече една девојка, која со презир гледаше на светот. Се обидував да и симнувам ѕвезди, но тоа кај неа не успеваше. Единствено ќе ми дадеше некој саркастичен коментар или шега на моја сметка. Уште повеќе ме привлекуваше нејзиното однесување на ледена кралица. Беше таа девојка со став. Не ми се умилкуваше како другите. Дури знаеше да каже и по некоја навреда, секако од нејзината уста тоа изгледаше како најголем комплимент за мене. Сакав да зборувам со неа. Имавме слични видувања, иако понекогаш се инаетевме. И кога глумев дека сум лут, ми годеше тоа да бидам крај неа. Немав сила да и кажам што навистина чувствувам. Се плашев. Еј, јас да се плашам... Какво чувство. Не знаев што ќе ми каже таа. Со неа не се знаеше. Подобро да не ризикувам, да не го уништам и ова испревртено пријателство. Не можев да бидам негативен покрај неа, едноставно нејзината насмевка беше заразна. Ме привлекуваше нејзината брутална искреност пропратена со голема доза мистерија, кога се работеше за нејзиниот живот. Го знаев само нејзиното име, местото на живеење и возраста. Се друго беше енигма. Не ми се отвори. Ист бев и јас. Со текот на времето, егото ми растеше. Решив да заминам, очекувајќи дека таа ќе трча по мене. Тоа не се случи. Подоцна слушнав дека е се уште слободна, но многу депресивна. Се зборуваше дека дури станала и асоцијална. Не верував. Едноставно копнеам по неа, иако знам дека не можам да бидам крај неа. Двајца егоисти.. Подобро не. Прекрасно би било да сме заедно, ама ние не можеме. Не сме како сите други. Нашето би завршило болно и катастрофално за сите. Со која и да бидам, ќе ја сакам неа затоа што само таа знаеше како да биде толку злобна а сепак неверојатно добра. Мислам дека и таа го чувствува истото. Се сеќавам на тие сини очи... Штета што нашето се удави во длабочините кои се наоѓаа во нив. Штета што не бевме како сите други. Штета што не и кажав. Ќе оздрави таа од оваа болест.. Силна е таа, си велам сам на себе. 

Да бев твоја

Да бев твоја ќе те прегрнев силно, речиси до болка. Немаше да ти шепнам дека те сакам, туку ќе се изнавикав на сиот глас. Ќе ме слушнеше целиот град, ако не и пошироко. Ќе те бакнев гладна за љубов, ќе те погледнев со очиве кои одамна трагаа по твоите. Да бев твоја ќе ти се смеев до болка, додека не ми се здрват сите мускули на лицево. Ќе те држев за рака од утро до мрак, за вечно да ја чувствувам твојата топлина. Да бев твоја, ќе те провоцирав додека не пукнеш од лутнина а потоа ќе ти се вовлекував под кожа, невино барајќи прошка. Да бев твоја, а ти мој.. Да бев. Ама не сум. Не можам да те погледнам, погледот ми е прикован за земјата. Не смеам да те видам, инаку уште повеќе ќе патам. Уште повеќе ќе ме пече нешто, гледајќи те среќен со друга. Јас повеќе не ќе живеам со помислата дека можеби еден ден... - и се насолзија очите. Солзите почнаа да се тркалаат по нејзиното изнемоштено лице кое бараше нечие внимание. Се смири, ја искина хартијата на кое се обиде да напише уште едно писмо до него. Стана и ги фрли парчињата пожолтена хартија во корпата, која патем беше полна со неуспешни обиди за искажување на една љубов. Еден живот. 

Tuesday, August 6, 2013

Ќе го свртам светот

Ме понижувавте со векови. Ми го уништувавте духот. Не се срамам да признаам дека ги игнорирав вашите навреди, иако некаде длабоко ми го уништуваа духот. Нема повеќе. Нема да ви дозволам да си играте со мене. Не вртам нова страница, земав потполно нова книга. Не го знам крајот, но барем знам како да почнам. Ангелот во мене умре денес и никогаш повеќе нема да оживее. Веќе никој нема право да манипулира со мене. Сега јас сум кучката. И подобро е вака. Многу подобро. Не ми треба мене никој, се имам себеси. Сама и најмоќна од сите. Нека јас бидам вештерката, а вие невините девојчиња. Таква ме направивте, сега ќе ги чувствувате моите тортури насекаде околу вас. Ќе ве демнам додека не го изгубите секој атом на сила. Ќе го свртам светов наопаку додека не ве уништам. Ќе дознаете што значи да експлодира вулканот во присебната личност. Подобро скријте се некаде со помислата дека нема да ве најдам. 

Забрането овошје

Беа млади. Беше тоа една балада, еден белег на неостварена љубов. Скитник и принцеза. Тој незаинтересиран, груб, несоцијализиран. Таа префинета, разгалена... Неговиот здив уште рано наутро мирисаше на алкохол и никотин. Зависник. Велеа дека е пропаднат фотограф. Секогаш беше сам, доколку не се бројат многуте шишиња виски крај него. Некогаш и тој бил дел на она ексклузивно друштво. Само некогаш. Изгубил се' што можел. Таа се грижеше за него, иако тоа не го покажуваше. Знаеше дека тој не е за неа, иако ги делеа истите чувства. Тој беше нејзината единствена пасија. И денес го љуби со целото срце, и покрај многубројните скандали и озборувања. И тој неа ја љуби, надевајќи се дека еден ден некој пијалок ќе му помогне да ја заборави. Самиот е свесен дека не ја заслужува. Не денес, не сега.