Мистични букети наменети за оние што животот си го уништуваат со секој следен здив

Sunday, July 21, 2013

Неговите карактери

Во неговиот ум се бореа многу мажи. Првиот, моќен и разумен, кој во секоја ситуација знаеше да извојува победа беше олицетворение на совршенството. Секогаш среден џентлмен, полн со знаење и елеганција. Мажествен, самоуверен и беспрекорно фин. Вториот, безволен и нерешителен, кој никогаш не знаеше со сигурност што прави. Без манири, со речиси простачко однесување. Арогантен а сепак исплашен од неговата околина. Или зборува како навиен, или немо те гледа. Има и други во него. Скапоцен, везвреден, романтичен, злобен... Не знам во кого се заљубив. Секој ден тој е нова личност. Различен, а сепак толку ист. Го сакам баш онаков каков што е. Животот со него не може да биде здодевен. Не се идржува без неговиот мирис, глас, бакнеж. Нешто ме влече кон него. Совршен е токму ваков. Само мој. 

Лажам и кога ја зборувам вистината

Проблемот со луѓето е тоа што треба да поминеш половина век за делумно да знаеш за што зборуваат. И наједноставните фрази доаѓаат од душта и претставуваат производ на искуството, болката и бродоломите. Сите ја кажуваат вистината дури и кога лажат. Повеќето посакуваат да живеат во нивните соништа. Од страна изгледа дека тоа е злобно и подмолно, но само оној што ја кажал лагата ќе ја разбере својата постапка. Ако секогаш се кажува вистината, никој нема да ја запомни. Се лажам себеси. Те лажам тебе, а сепак не те лажам. Мислам дека сум успеала, а не е така.Можеби тоа што го кажувам за мене е вистина, но не и за другите. Се' е лага. Еднаш им веруваш на сите, потоа не можеш никому. Сите ние сме обични напатени души, кои се поврзуваат меѓусебно со разубавувањето на вистината. 

Saturday, July 20, 2013

Писмото кое никогаш не го испратив

Знаеш, не сум ни блиску до добро. Се уште носам товар на мојот изнемоштен грб. Не ме држат нозете. На работ сум. Те молам врати се, паѓам. Знаеш дека никогаш не продолжив да живеам без тебе. Само ги туркав проблемите нанапред. Те очекувам, знаеш. Секој ден се сеќавам на времето кога бев среќна. Времето кога се чувствував исполнето, кога знаев дека стојам со причина на ова тло. Секој ден се сеќавам на времето кога можев да зборувам до бесвест, кога не можеше да ми ја затвориш устата. Сега не можам да ја отворам. Врескам во себе, а никој не слуша. Не излегуваат зборовите. Дојди. Да те видам уште еднаш. Да почувствувам што значи радост. Па повторно оди. Повторно остави ме.

Thursday, July 18, 2013

Опасна пасија

Тешко е да бидеш сакан. Животот е комплициран и често ја нарушува човечката рамнотежа праќајќи ја вистинската личност во погрешно време. Љубовта е секогаш опасна. Да сакаш е надеж дека ќе добиеш се', наместо да изгубиш. Исто така, таа е ризик. Можеби сакаш повеќе одколку што си сакан. Сепак чуда се случуваат. Животот некогаш заборава на болката и несебично подарува моменти на задоволство, љубов и среќа. Кругот се врти. Не се плашиме од нашата темна страна, туку од светлата. Не не' плашат слабостите, туку силните страни. Еден ден ќе го добиеме она што го сакаме. Онаа личност што ја сакаме.


Некогаш драгоцен, денес безвреден

Имаше моменти кога не се одвојувавме еден од друг. И сега по малку ми недостигаат неговите повици. Кратки, но слатки. Само боли помислата дека се јавувал само за да се осигура, да не биде виден со таа другата. Таа другата. Ме лажел. Јас му давав шанси, заслепена од едностраната љубов. Беше срдечен, грижлив само за да ме прелаже. Ми велеа дека не е за мене, не верував. Ги изгубив сите поради него. А тој и сега е среќен. Нема никакви лузни во неговото однесување. И додека јас тонам во самотија, тој се забавува. Одвратно чувство. Сега сфаќам дека навистина дволичните луѓе живеат во рајот. Ние добрите само патиме. Ако. Не тагувам за него, тагувам за оној кој мислев дека е. Не го ни мразам. За мене тој умре истата секунда кога ги дознав неговите задни намери. Изгубена душа е тој. Невредна. Не ми ни треба таков. Љубовта не е само романтични вечери, свеќи, слатки пораки. Многу повеќе од тоа. Таа е единствено микс од верност, желба и доверба. Она што ние го немавме. Она што тој го немаше. 

Wednesday, July 17, 2013

Последна љубов

Ја знаев цел живот. Никогаш не ја гледав како потенцијална партнерка, а ми се вовлече под кожа последниве месеци. За прв пат се заљубив искрено. Таа според останатите не е најпривлечната, најдобрата и најубавата. За мене е совршена. Толку убава... Елегантна... Недопрена. Кога ја гледам не знам дали сонувам или навистина ова се случува. Се заљубив, но таа не е за мене. Ја сакам толку многу што не можам да си дозволам да ја бакнам со овие усни кои бакнувале секого. Не сум достоен за неа. Таа е невино девојче кое трага по својот принц. Јас не можам да бидам она што таа го бара. Моите гревови не можам да и ги префрлам нејзе. Премногу е драгоцена за да љуби некој како мене. Премногу е добродушна. Не сакам да и го уништам духот и телото. Ќе ја сакам, но нема да бидам крај неа. Никогаш нема да можам да ја направам среќна, иако тоа најмногу го сакам. Знам дека и таа ги дели истиве маки со мене. Ќе ја боли сега, но ќе и помине. Ќе и се сруши светот, но ќе го најде вистинскиот и повторно ќе го изгради. Подобро сега да пати, одколку цел живот. И посакувам се најдобро, затоа не можам да дозволам да страда поради мојот ужасен карактер. Да можам да го вратам времето, никогаш не би ги направил истиве грешки. Би се сменил, би бил чесен и искрен. Би застанал пред неа, и би кажал што чувствувам. Би ги кажал тие два збора составени од седум букви. Но, не можам. Не смеам. Никогаш никому нема да ги кажам. Нека останат засекогаш во моето грло. Неискажани. Непроживеани. Ми беше прва и последна. Единствена. Бог знае дека ако можев, уште веднаш би бил со неа. Ако можем... Некои луѓе се сакаат само на далечина. Од љубов го правам ова, ќе ме сфати. Секогаш ќе ја набљудувам од далеку. Барем визуелно мојата душа ќе биде исполнета кога ќе ја видам со нејзиниот сопатник. Има разлика меѓу најголемата и вистинската љубов. Мора да биде така. Таа мора да биде среќна... Без мене. 

Tuesday, July 16, 2013

Војна за мир


Некои војници не можат да се оттргнат од војните во кои учествувале. И покрај примирјето, се коваат планови за следната битка. Секој знае дека војните не завршуваат. Само се менуваат. И не може да има мир додека оружјето е се' уште наполнето, и постои доволно муниција... Никој не се предава знаејќи може да победи, и да ја подигне својата награда. А најопасните непријатели се оние кои никогаш не си ни знаел дека ги имаш. Па затоа ако сакаш мир, секогаш треба да бидеш подготвен за војна без лимити. И на крајот секој војник се враќа од таму каде што дошол, надевајќи се дека еден ден ќе го заборави она што го видел... И направил.  

Скриј се од минатото


И судбината има проблеми. Наместо премногу избори, одеднаш немаш ниту еден. Темнината конечно се среќава со светлината, но предецна. Таа веќе не е опција. Времето за поправка на грешките дојде и си замина, без никој да го види. На крајот секоја личност ја турка својата совест нанапред, надевајќи се дека подобри денови доаѓаат. Некогаш е така, некогаш не.                                          
Секоја планина, својата тежина. Луѓето често со тешко срце простуваат. Не е лесно да се прифати стореното. Или пак она што никогаш не е направено. На крајот на денот, се' се сведува на понизното каење пред имагинарниот помошник. И повторно, нема назад. Само напред, со обвинувања и надеж за прошка. Некогаш. До тогаш, стуткај се под меката прекривка и надевај се дека нема да бидеш пронајден. 
    

Monday, July 15, 2013

Залудно го сакаш

Забраните немаат ни најмали шанси против волјата. Ако сакал нешто да направи, ќе го направел. Штом не сакал, бара само изговор за да се ослободи од железните окови околу него. Секој се стреми за слобода. Без разлика колку се обидувал да биде добар, еднаш неговата темна страна мора да излезе на виделина. Не велат без причина дека светецот има минато, но и грешникот иднина. Можеш да го изнесеш него од забавата, но не можеш да ја изнесеш забавата од него. Затоа и го сака, прифати и сама. Залудно, но сепак го сакаш. 

Очекувајќи го витезот

Неколку недели ја читав омилената Colette во паркот, надевајќи се дека мојот спасител ќе дојде да ме одведе од тука. Очекував дека некој ќе ги прави истите работи со мене.Очекував некој кој ќе се чувствува како мене. И не беше ефективно. Тој не дојде. Не ме спаси од копнежот по него. Не знам што да правам со себе. Се' ме потсетува на нашите среќни мигови, на времињата кога бевме едно. Мојот некогашен витез не ме спаси. Не знам ни од кого требаше да ме спаси... Дали од себе или од другите... Времето измина, не смеам повеќе да се навраќам назад. Кога веќе нема кој да ме штити, ќе се заштитам самата. Од денес сум сама свој заштитник, борец и советник. Нема веќе високи очекувања. Нема веќе разочарување. И јас можам да бидам силна. И ќе бидам, затоа што морам. 

Sunday, July 14, 2013

Духовно прочистување

Самотијата е она што ми треба. Не ми се потребни ни момчиња, ни барови, ни секојдневни лекции од општеството. Ќе го минам летово сама, со кремата за сончање и дузина непрочитани книги на некоја песочна плажа, далеку од местото каде секој го знае моето име. Морам да изберам, и се бирам себеси. Сите момци се кретени. Јас тоа го сфатив со текот на времето. Искуството чини чуда. Момците само стануваат попривлечни со времето, а девојките учат како да бидат толерантни. Барем за миг сакам да заборавам на се'. Цели осум месеци во мене се водеа битки меѓу разумот и срцето. Време е она што живееше во мене да го исфрлам во длабоките солени води. Нека се удават сите спомени, или барем нека колабираат од топлината. Морам да напишам нов крај на стара приказна. Или барем да си ги средам мислите. Нека биде ова само мое лето. 

Спаси се

Злобен си, не по твоја вина. Верувај, повеќе не сум слепа. Те сакав и те штитев од сите мршојадци кои не демнеа, а ти ме казни поради тоа. На крајот ме третираше како нешто што си го поседувал, наместо како нешто што си го заслужил. Тој најмногу ме повреди. Направи да се чувствувам бедно, како и оние пред мене. Никогаш нема да ти го заборавам тоа. Сепак јас го најдов мојот излез од овој пекол. Ти ја посакувам и тебе оваа среќа, ниедна душа не згрешила толку за да живее како твојата. Се' уште има шанси да се спасиш доколку сакаш. Не склучувај уште еден пакт со ѓаволот, верувај ќе се врати да го земе она што си му го ветил. Признај ги своите грешки и продолжи гордо по својот пат. Доколку успееш, можеби и ќе бидам повторно твој сопатник. Не ги казнувај луѓето кои те сакаат, ќе зажалиш.

Saturday, July 13, 2013

Трансформации на едно време


Леопардот не може да го промени своето крзно, но некои работи навистина се менуваат. Избраниот пат може да стане една голема копнена авантура. Приземјеноста може да доведе до емоционални земјотреси. Секој некогаш бил сведок на бизарни настани. Само затоа што видел многу, не значи дека видел се'. Можеби најдобрите денови се зад нас, но секој има некаков трик во ракавот. Животот е полн со изненадувања. Соништата се исполнуваат. Исто како и најстрашните кошмари... Несвесно, или пак можеби свесно се прават грешки. Грешки на кои подоцна го трошиме скапоценото време, обидувајќи да смениме нешто. Но, не може. Тоа што не може да го смениме на крајот ќе не смени нас. Навраќајки се на минатото, го губиме моментот кој може да го направиме најдобар во нашиот живот... Дури штети и да трепнеме. И тогаш може да пропуштиме нешто. Или некој...   



Внимавај што зборуваш

Без разлика на вистината, луѓето го гледаат она што сакаат да го видат. Некои луѓе ќе направат чекор назад и ќе видат дека се вртеле во круг се' досега. Некои ќе забележат дека за малку ќе се сплеткале во сопствените лаги и интриги. Некои лиѓе ќе ја видат вистинската ситуација, можеби со мало задоцнување. А тука се и оние други. Оние кои со се глава ќе избегаат само за да не се погледнат себеси. И тогаш ќе сфатиш дека некои кутии на животот никогаш не требало да ги отвориш...
Луѓето често се обидуваат да ја разубават вистина сметајќи дека никој нема да погледне под свилената прекривка. Вистината ќе се избори со сите пречки и ќе ги шокира сите кои нешто ти значат. Само затоа што старите рани се изложени пред будното око на светот, не значи дека последиците нема да настапат на сцената. Можеби само тајмингот ќе биде променет.Контролирај го своето однесување, не се знае кој може да ги искористи твоите зборови против тебе.   




Thursday, July 11, 2013

Промени

Промените со животот се случуваат на големи настани. Но, најголемите промени се случуваат во оние неприметни моменти. Кога застануваме за секунда да видиме каде сме и какви сме станале. Гледаме до каде сме дошле, но и до каде треба да одиме. Понекогаш гледаме што сме изгубиле... И кого. Некогаш гледаме што ново сме добиле. Се сеќаваме на оние старите времиња, кога не ни помислувавме дека до тука ќе стигнеме. Но, мора да го пуштиме минатото да остане каде што е. Тоа секогаш ќе биде присутно. Ќе ја поматува водата на сегашноста. Ќе ни се суди за грешките направени одамна, иако луѓето се менуваат. Мора да продолжиме напред, без оглед на се. Судбината ќе ни го покаже патот. Можеби тоа ќе биде вистинскиот. На крајот стануваме луѓе какви што не посакувавме, но можеме да се обидеме повторно. Минатото го диктира темпото на иднината, наш изброр е дали ќе играме на овој ритам или ќе создадеме свој. И можеби следниот пат, ќе ја направиме вистинската одлука. Нема да бидеме сосема сами на крајот, но нема ни да можеме да се вратиме назад. Останува на нас...

Затоа што те сакав

Ти никогаш не беше мој. Ни за еден миг. И не те обвинувам. Таков си ти... Не можеш да бидеш со една. Не можеш да бидеш со мене. Во ред е. Не ме боли повеќе. Еднострана љубов, нема потреба да се оптеретуваш. И нека не ти е грижа што е со мене. Ќе те заборавам. Се колнам во се' што ми остана дека ќе заборавам што чувствував. Биди со некоја како тебе. Моќна и бестрашна. Онаква каква што јас никогаш не бев. Сакам да знаеш дека ти си најдоброто нешто што ми се случило. Иако моите и твоите усни никогаш не се допреа, живеам со помислата на тој неостварен миг. Повеќе не ни посакувам да се случи. Не било пишано. Судбина. Ќе заборавам. Да, верувам во тоа. Ќе продолжам како ништо да не било. Ќе станам поинаква...Затоа што те сакав. Тоа ме промени од корен. 

Tuesday, July 9, 2013

Пријатели

Тешко е да го најдеш вистинскиот пријател денес. Во текот на потрагата, многу маски ќе паднат. Многу соништа ќе бидат уништени. Многу карактери ќе бидат променети. Можеби и ќе го најдеш оној вистинскиот пријател, а можеби и твојата потрага ќе биде залудна. Вреди да бараш, наградата е ретка и скапоцена. Кога ќе ја најдеш, чувај ја како очите во главата. Сега си во собата каде се' е елегантно и префинето. Но, зад ѕидот се крие онаа помалку позната страна. И најдобриот пријател има трпение. Внимавај, една капка е доволна за да се прелие чашата. Има слаби алки во секој синџир кои го чекаат моментот да се скршат, но има и нераскинливи. Никој не знае се' за никого. Не знаеш со кого живееш и како. Сите сме странци, колку и да мислиме дека знаеме се'. 

Девојката што ја сакав

Таа беше се' што сакав. Уште го чувствувам нејзиниот мирис на мојата перница. Понекогаш мислам дека е до мене. Се вратам, ја нема. Завршува мојот сон за топла љубов. Реално, ја повредив повеќе од сите. Имав добри намери, но патот ме однесе сосем на друга страна. Бев и виновен и невин. Без изгубен во својата глава, сакајќи да биде само моја. Бог знае дека мислев само добро. И секој ден за мене претставува нов почеток на еден кошмар. Осаменост, тага... Ми даде илјада нови шанси, но не ги искористив. Сега е среќна со него. Немам право да коментира мза него и за неа, за нив... Немам право да ја уништам нејзината среќа повторно. Ќе ја сакам додека сум жив. Никогаш не бев рамо до рамо со неа. Таа бараше љубов и топлина. Можев да и' ги приуштам овие нешта, но не размислив... Ја изгубив девојката што ја сакав заради моето одвратно однесување. Со неа, ја загубив и последната шанса да ја спасам мојата бедна душа. 

Wednesday, July 3, 2013

А се' уште ми значи...

Поминаа недели, месеци, години... А тој никогаш не се врати. Никогаш не ми прати една порака во која би ми кажал што чувствува. Никогаш не ми објасни зошто замина. Сега е среќен со друга. Можеби е поубава од мене, можеби и таа го сака. Само можеби. 
А можеби е осамен и тажен. Можеби страда, како и јас. Можеби. 
Не го видов од тој проклет ден. Ниеднаш. Скопјево не сака да не спои повторно. 
Велат скршено срце е, ќе помине. А мене, се' ме боли. Секоја клетка во телово ми создава ново страдање. Ми недостигаат оние моменти кога бев со него. Кога бев храбра и силна. Кога за прв и последен пат се чувствував сакана. Ми недостига неговиот здив, неговото срцебиење. Неговото битие. А немам ни слика со него. Стари филмови во мојата глава,кои повторно и повторно ги гледам. Се' уште ми значи... Само најтешко е тоа што знам дека никогаш повеќе нема да ми се врати. 

Tuesday, July 2, 2013

Превртливи политики

Некогаш останував будна цела ноќ за да разговарам со тебе. Одамна беше, речиси цела година мина... А во мојот стомак се' уште се бркаат оние љубовни змејчиња. Уште се надевам дека можеби ќе ми се вратиш. Можеби се ќе биде како порано. Времето ме натера да продолжам, иако се' уште се чувствувам како да се наоѓам на самиот почеток. Тој не може да го подари срцето на една девојка. Не е таков тип. Доминантните секогаш ќе си најдат друг плен, откако ќе им помине интересот за претходниот. Ме повреди многу, иако не сакам да прифам. Не сакам да прифатам дека се' заврши. Му верував, а ги изневери моите очекувања на најлош можен начин. Неговата превртлива политика го уништи моето невино срце. Но, ако. Еден ден отровот кој го вбризга во мене ќе го почувствува и самиот... 

Исти, но сепак различни

Шарлот: 
Уште од моето најрано детство бев опседната со својата телесна тежина. Уште од мала бев полничка, што предизвикуваше останатите деца да ме навредуваат. Подобро да ме тепаа, отколку да ми зборуваа се и сешто. Грдиот збор боли многу повеќе од обична шлаканица. Шлаканицата остава краткотрајно црвено, но навредата го крши срцето на милион парчиња. Вежбав до исцрпување, но едноставно не можев да ослабам. Се мразев себеси, го мразев фактот дека јас немам витка става како останатите. Не сакав да ослабам за себе, туку за да бидам прифатена од страна на другите. И јас сум човек. И јас посакувам да бидам искрено сакана од околината. И јас сакам да почувствувам како е да се има самодоверба. Посакувам барем некој да ме прифати таква каква што сум..

Ема: 
Од кога знам за себе јас сум прилично слабо девојче. Луѓето мислат дека сум анорексична, но тоа не е точно. Јадам многу повеќе од другите луѓе, но мојот метаболизам е поразличен. Јас не можам да се здебелам ни грам од мојата 13та година. Луѓето ме нарекуваат "прачка". За што сум јас виновна? Зарем треба да бидам осудувана без никој да ја знае мојата приказна? Ни јас не сакам да бидам слаба во овој размер, но не можам ништо да сменам. Немам облини, немам атлетско тело. Луѓето ме сметаат за социопат кој никогаш во својот живот не пробал ниту еден залак храна. Кога само некој би се обидел да ме сфати... 

Стефани: 
Јас сум обична девојка чија цел е да најде место под ѕвездите. Луѓето никогаш не се запрашале како јас живеам. Боледувам од хормонално пореметување, кое е виновник за мојата незанемарлива висина. Јас сум џуџе. Да, добро сфативте. Од мала носам високи потпетици, но и со нив сум премногу ниска. Луѓето понекогаш треба да клекнат за да ме видат. Високите луѓе ми се потсмеваат, ме навредуваат на секој можен начин. Понекогаш се прашувам зошто токму јас сум казнета на најлошиот начин. Зошто морам да живеам во пеколот, опкружена со ѓаволи кои ме демнат што и да направам. Зошто не сум родена под среќна ѕвезда? 

Пред да осудите некого според неговиот надворешниот изглед, размислете повторно. Што ако вие бевте на местото на таа личност? Секој сака да ја почувстува топлината на искрената љубов. Сите сме исти, безразлика на нашата надворешност. Надворешноста е само облик, кој го гледаме. Но, душата е многу поважна. Таа зборува за нас. Кажува кои сме и кои би сакале да бидеме...